СДСМ нема да истакне кандидати за градоначалници во Кичево и Струга, потврдуваат високи партиски извори за ТВ 24. Иако лидерот на социјалдемократите Венко Филипче до последен момент ја држеше партиската база во неизвесност, сега е извесно дека во двата града партијата нема да настапи со свои кандидати.
Според изворите, планот е Филипче да застане зад кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево – лекарот Александар Јовановски, иако останува нејасно дали тоа ќе биде направено со јавна поддршка. За Струга, пак, неофицијално се разговара со ДУИ и со ВРЕДИ за заемна поддршка: СДСМ да ги поддржи нивните кандидати таму, а за возврат да добие поддршка во Куманово и Крушево.
Партиската база и дел од функционерите во двата града инсистирале да се има сопствен кандидат, но раководството одлучило поинаку.
Во Струга кандидат за градоначалник нема да има ниту ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе го поддржат бизнисменот Менди Ќира, зад кој застануваат коалициските партнери од ВРЕДИ. Негови противкандидати ќе бидат Арсим Далипи од Европскиот фронт и пратеничката Јована Мојсовска од Левица.
Во Кичево, пак, Јовановски ќе се соочи со актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од ДУИ и министерот за социјала Фатмир Лимани од ВРЕДИ.