Протестите под мотото „Блокирајте сè“ продолжуваат низ Франција, со најавени собири во Париз, Нант, Лион, Марсеј, Ница и други големи градови, објави „Фигаро“. Најмасовни демонстрации се очекуваат во западниот дел на земјата – Брест, Сен Брије, Оре, Ван, Гер, Рен и Фужер.
На 10 септември веќе беа одржани масовни протести против мерките за штедење предвидени во буџетот за 2026 година. Министерството за внатрешни работи информира дека околу 200.000 лица учествувале на стотици собири, додека редот го обезбедувале 80.000 полицајци.
Во повеќе градови дојде до немири. Во Нант и Монпеље демонстрантите блокираа патишта и палеа гуми, по што полицијата употреби солзавец. Во Тулуз пожар на железничките пруги предизвика прекини во сообраќајот, додека во Бордо група маскирани лица се обидела да блокира сообраќајници.
Во Париз, кај училиштето „Елен-Буше“, демонстрантите превртуваа контејнери и палеле огнови, а во Лион група успеала накратко да ја заземе железничката станица. Вчера полицијата уапси десетици лица кои се обиделе да блокираат универзитетски кампус во предградието Брон; станува збор за група од 50 до 100 маскирани лица вооружени со железни шипки и други предмети.
Многу демонстранти ја обвинуваат владата и претседателот Емануел Макрон за социјалните и економските тешкотии, изразувајќи незадоволство од предвидените мерки за штедење.