УТРО.мк

Институтот за јавно здравје со упатства за заштита од загаден воздух и чад

Институтот за јавно здравје со упатства за заштита од загаден воздух и чад
Vero

Институтот за јавно здравје издаде препораки до граѓаните за заштита на здравјето и благосостојбата во ситуации кога постои ризик од загадување на воздухот и можна изложеност на штетни материи, особено при активни пожари.

Граѓаните се советуваат да останат во затворени простории со затворени прозорци и врати, да ги исклучат системите за вентилација и климатизација кои вовлекуваат надворешен воздух, како и редовно да ги следат официјалните информации за квалитетот на воздухот.

Особено внимателни треба да бидат лицата со респираторни заболувања, малите деца, повозрасните лица и бремените жени, на кои им се препорачува да избегнуваат активности на отворено. Во случај на неопходно движење во близина на опожарени подрачја, треба да се користат соодветни заштитни маски.

Установите за згрижување на стари лица треба да преземат дополнителни мерки за минимизирање на изложеноста на оваа ранлива група. Институтот предупредува граѓаните да внимаваат на симптоми како кашлица, отежнато дишење, главоболка или иритација на очите, носот и грлото, а доколку се појават – веднаш да побараат медицинска помош.

Исто така, се апелира да се избегнува контакт со отпад или приближување до погодените подрачја, сè додека не се издаде официјална дозвола за пристап.

Од Институтот нагласуваат дека строгото почитување на овие мерки е од клучно значење за намалување на ризиците по здравјето и заштита на заедницата.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран