Населбата Топана во Чаир ќе добие значајни инвестиции од над 760 илјади евра за реконструкција на улиците и урбаната инфраструктура. Проектот вклучува нов асфалт, современи тротоари, целосно ново осветлување, паркинзи и зелени површини, како и поставување декоративни жардинери и цвеќе за поубав и почист изглед на населбата.

Истовремено започнува и реконструкција на улицата „Максут Садик“, која го поврзува Чаир со Универзитетот „Мајка Тереза“, важен сообраќаен правец за студентите и граѓаните.
Сите овие инвестиции се обезбедени со државни средства во последните 15 месеци, бидејќи буџетот на општината не може да ги покрие ваквите големи проекти. Според Изет Меџити, прв вицепремиер, министер за животна средина и кандидат за градоначалник на Чаир, ова е само првата фаза од широка урбана трансформација која ќе продолжи во наредните четири години.

„Чаир ќе стане општина со современа инфраструктура, благодарение на влада што не го блокира развојот на општините“, истакнува Меџити.