Јогуртот е богат извор на калциум и протеини, но нутриционистите предупредуваат дека многу луѓе прават честа грешка – ја фрлаат течноста што се собира на неговата површина.
Иако изгледа неубаво, таа течност не е знак дека јогуртот се расипал. Напротив, станува збор за сурутка – природен нуспроизвод од ферментацијата на млекото. Според нутриционистите, токму таа содржи висока концентрација протеини, пробиотици, калциум и минерали како калиум, бакар, фосфор и цинк.
Сурутката е основа за многу протеински прашоци што се продаваат на пазарот, а нејзиното враќање во јогуртот не само што ја збогатува хранливата вредност, туку ја прави и текстурата покремаста.
Ако не сакате да ја промешате, можете да ја искористите во смути, да ја додадете во рецепти или да ја замрзнете за подоцнежна употреба при готвење.
Стручњаците порачуваат: нема причина да ја фрлате – токму таа е најздравиот дел од јогуртот.