Маслината со векови е позната по своите плодови и маслото кое се смета за „течно злато“, но нејзините листови често остануваат во сенка. Токму тие кријат големо богатство од лековити состојки, а чајот од маслинови листови со векови бил дел од традиционалната медицина. Уште во антички Египет се користел за лекување на различни болести, а денес повторно ја добива својата заслужена популарност благодарение на научните истражувања.
Главната тајна на овој чај е соединението олеуропеин – моќен антиоксиданс со противвоспалителни и заштитни својства. Научните студии покажуваат дека чајот од маслинови листови може да го заштити мозокот од оксидативен стрес, со што го намалува ризикот од невродегенеративни заболувања како Алцхајмерова или Паркинсонова болест.
Чајот е безбеден за секојдневна употреба и се препорачува една до три шолји на ден. Бидејќи не содржи кофеин, може да се консумира во било кое време, дури и навечер, без страв од несоница. Сепак, експертите советуваат постепено воведување, а за подолготрајна употреба или терапевтски цели – задолжителна консултација со лекар или фитотерапевт.
Иако се смета за безбеден, лицата со хронични заболувања или оние кои земаат терапија треба да се консултираат со својот матичен лекар за да избегнат можни интеракции и да ја извлечат максималната корист од овој природен напиток.