Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аркчи, му порача на американскиот претседател Доналд Трамп дека доколку е искрен во намерата да постигне нов нуклеарен договор со Иран, мора веднаш да престане со „непочитливиот и неприфатлив тон“ кон врховниот лидер на Иран.
Во објава на социјалната мрежа Икс, објавена утринава, Аркчи нагласи дека Трамп треба да се воздржи од навреди кои, како што рече, „повредуваат милиони негови искрени следбеници“ и да покаже почит доколку навистина сака да се отвори патот кон нова спогодба, пренесе Ројтерс.
Во меѓувреме, иранскиот врховен лидер Али Хамнеи во четвртокот изјави дека Иран излегол како победник од конфликтот со Израел, честитајќи им ја „победата“ на граѓаните.
На тоа, Трамп возврати повикувајќи го Хамнеи да „ја каже вистината“, тврдејќи дека и Иран и Израел биле „потполно поразени“, и дека тоа е „вистинскиот момент да се стави крај“.
„Гледај, ти си верски човек, човек кој е почитуван во својата земја. Треба да ја кажеш вистината. Беше поразен до крај, исто како и Израел. Двете страни беа победени – и тоа е вистината што мора да се признае“, порача Трамп.