Анкетата на институтот Инса, објавена од весникот „Билд“, покажува дека поголемиот дел од германските граѓани се загрижени за можен напад на Русија врз земји членки на НАТО.
Според резултатите, 62 отсто од анкетираните изразиле страв од таков напад врз земји како Полска или Литванија, додека 28 отсто не споделуваат таква загриженост, а 10 отсто не дале конкретен одговор.
Анкетата следува по неодамнешниот напад на Русија врз Украина, при што повеќе дронови навлегоа во полскиот воздушен простор, вклучувајќи го и воздушниот простор на НАТО. Полските воздухопловни сили, со поддршка од сили на Алијансата, по првпат соборија неколку дронови. Воени извори сметаат дека навлегувањето можеби не било случајно, но сѐ уште не е јасно дали дроновите биле наменети за напад или за провокација и тест на одбраната на Алијансата.
Анкетата исто така покажува дека мнозинството Германци поддржуваат построги економски мерки против Русија. Така, 49 отсто сметаат дека веднаш треба да се прекинат сите испораки на руски гас и нафта за ЕУ, додека 33 отсто се за продолжување, 11 отсто не биле сигурни, а 7 отсто рекле дека тоа не е важно.
Дополнително, 51 отсто од анкетираните се изјасниле дека замрзнатите руски средства во ЕУ треба да се користат за поддршка на Украина, 29 отсто биле против, а 20 отсто не дале одговор или немале мислење.