Украинскиот министер за одбрана, Рустем Умеров, најави дека Киев донел одлука значително да го зголеми бројот на напади со дронови со долг дострел на територијата на Русија.
Според него, во подготовка е нов договор за набавка на десетици илјади дронови наменети за операции на т.н. „длабоки удари“.
„Веќе подготвуваме голем договор за зголемен интензитет на ударите. Секојдневно се реализираат борбени мисии според однапред утврден план“, изјави Умеров за Kyiv Post.
Овие дронови, според министерот, се насочени кон критични цели длабоко зад руските линии. Украина во меѓувреме развива и имплементира нови технолошки решенија за подобрување на ефикасноста на воздушната одбрана, вклучувајќи дронови-пресретнувачи и други системи чии детали не се откриваат од безбедносни причини.
Од друга страна, Русија ги интензивира комбинираните напади, користејќи стотици „Шахед“ дронови, заедно со балистички и крстосувачки ракети – со цел да ја исцрпи украинската ПВО и да изврши психолошки притисок. Но, според Умеров, украинските одбранбени сили успешно се адаптираат, вклучувајќи нови тактики и технолошки иновации.
До крајот на 2025 година, украинската армија ќе располага со над четири милиони дронови, од кои 1,5 милиони веќе се испорачани на фронтот. Украинската индустрија за дронови веќе има годишен капацитет што овозможува производство на над четири милиони летала, што, според Умеров, е пресудно за модерното војување.
„Ако замениме дури и 1% од потребите за човечка сила со дронови, тоа е огромен успех. А веќе постигнуваме многу повеќе“, нагласува министерот.