УТРО.мк

Нови напади врз саудиската нафтена инфраструктура, загрозена клучната рута за извоз на нафта

Нови напади врз саудиската нафтена инфраструктура, загрозена клучната рута за извоз на нафта
Vero

Клучниот нафтеноводен систем во Саудиска Арабија бил погоден со проектили, при што биле оштетени пумпни станици долж нафтеноводот Исток-Запад. Според американски официјални претставници запознаени со ситуацијата, нападите дополнително ја зголемиле загриженоста за глобалната енергетска безбедност.

Првичните проценки покажуваат дека мета биле пумпни станици лоцирани во близина на нафтеноводот. Сателитски снимки покажуваат големи оштетувања од пожар на една од локациите, додека на друга е регистриран помал пожар со густ црн чад.

Сè уште нема официјална потврда кој стои зад нападите, ниту дали се оштетени самите цевки на нафтеноводот. Според еден американски претставник, нападите биле извршени со дронови кои пристигнале од правец на Ирак.

Не е познато колку време ќе биде потребно за санирање на штетата. Експертите сметаат дека поправката на пумпните станици би можела да биде побрза доколку самата инфраструктура на нафтеноводот не претрпела сериозни оштетувања.

Нафтеноводот Исток-Запад во актуелната ситуација има особено значење за Саудиска Арабија. По нарушувањето на транспортот низ Персискиот Залив, земјата пренасочила околу пет милиони барели нафта дневно преку оваа мрежа кон пристаништето Јанбу на брегот на Црвеното Море.

Сепак, ризик претставува и поморската рута низ Црвеното Море. Хутите претходно најавија дека ќе напаѓаат саудиски бродови кои ќе се обидат да поминат низ теснецот Баб ел-Мандеб, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на извозот.

Во меѓувреме, сателитските снимки во четвртокот регистрирале девет поголеми пожари во близина на нафтеноводот Исток-Запад. Сепак, за најмалку шест од нив е утврдено дека се на локации каде во вонредни ситуации контролирано се согоруваат нафта и гас.

Нападите доаѓаат во период на силни турбуленции на глобалниот енергетски пазар. Цената на нафтата оваа недела го надмина нивото од 100 долари за барел, а секое дополнително нарушување на саудиските извозни капацитети би можело да создаде нов притисок врз понудата и цените.

Американските разузнавачки служби активно собираат информации за нападот, додека официјален Ријад и државниот нафтен гигант „Арамко“ досега не дале официјален коментар.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin