УТРО.мк

Петар Стојанов го поддржа Ѓуров: Власта треба јасно да каже дека Русија ја започна војната

Петар Стојанов го поддржа Ѓуров: Власта треба јасно да каже дека Русија ја започна војната
Vero

Поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов ја поддржа кандидатурата на Андреј Ѓуров во вториот круг од претседателските избори во недела. Во гостување на бТВ, Стојанов рече дека го смета Ѓуров за разумен и урамнотежен кандидат, кој во одредени моменти може да покаже и решителност.

Тој нагласи дека поддршката ја дава самоиницијативно, без да биде побарана од кандидатот или од неговиот тим.

Осврнувајќи се на противкандидатката Илијана Јотова, Стојанов посочи дека нејзината политичка кариера се одвивала во редовите на Бугарската социјалистичка партија, додека тој секогаш бил на спротивната политичка позиција.

Стојанов ја критикуваше и реакцијата на бугарската влада на нападите со дронови во Црното Море. Според него, претпазливоста кон Москва е поврзана со предизборните пресметки и со ставовите на дел од гласачите кон Русија.

Како дополнителна причина го посочи стремежот на владата да добие позначајна улога во Европската Унија преку мировните иницијативи што ги предлага.

„Секоја иницијатива за мир е добредојдена. Секој напор за мир е добредојден“, рече Стојанов, но нагласи дека за таквите предлози да бидат уверливи, властите најпрво треба јасно да кажат дека Русија ја започнала агресивната војна.

Во спротивно, според него, ќе останат сомневањата дека се штитат руски, наместо бугарски и европски интереси.

Стојанов, кој беше претседател на Бугарија од 1997 до 2002 година, оцени дека претпазливиот однос кон Русија не е особеност само на актуелната власт, туку има подолга политичка традиција.

Тој ја опиша претседателската функција како чувар на стратегиските интереси на државата и арбитер во политички кризи.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран