Француските власти се соочуваат со загрижувачки бран напади врз жени за време на годинешниот фестивал „Fête de la Musique“, кој традиционално се одржува низ бројни француски градови. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, досега 145 жени, од кои многумина се тинејџерки, поднеле пријави дека биле нападнати со шприцови со непозната супстанција.
Париз најтешко погоден
Најголем број случаи се пријавени во главниот град, каде што најмалку 21 девојка изјавила дека била нападната. Фестивалот „Fête de la Musique“ за првпат се одржал токму во Париз во 1982 година, а денес се прославува низ цела Европа. Сепак, годинeшното издание на настанот беше засенето од сериозни инциденти.
Напади се регистрирани и во други градови, како што се Ањер-сур-Сен, каде што осум млади жени биле боцкани со шприцеви на градскиот плоштад – шест од нив поднеле официјални пријави и се здобиле со медицинска помош. Слични инциденти се пријавени и во Мец и Гренобл.
Содржината на шприцевите сѐ уште непозната
Некои од нападнатите жени покажале симптоми на мачнина и веднаш биле префрлени во болница, каде што се спроведуваат токсиколошки анализи. Засега останува непознато што точно се наоѓало во шприцевите. Истрагата разгледува и можност за координирани напади, имајќи предвид информации дека преку социјалните мрежи кружеле повици за такви акции.
Француската полиција досега приведе 12 осомничени, а во градот Ангулем се уапсени четири лица за кои се верува дека стојат зад нападите на околу 50 луѓе.
Надлежните апелираат до граѓаните за зголемена внимателност, особено при присуство на масовни собири, додека истрагата продолжува со цел да се расветлат овие сериозни инциденти.