УТРО.мк

Крмзов осомничен за измама тешка 90 милиони евра: УЈП откри шема за фиктивен поврат на ДДВ преку мрежа од фирми

Крмзов осомничен за измама тешка 90 милиони евра: УЈП откри шема за фиктивен поврат на ДДВ преку мрежа од фирми
Vero

Управата за јавни приходи (УЈП) официјално објави акт за уредно доставување на налог за контрола, со што го потврди постоењето на финансиска шема поврзана со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кој веќе се наоѓа во притвор поради сомнежи за даночна измама и перење пари. Актот открива четири фирми поврзани со Крмзов, како и хронологија на пренос на сопственички удели, со крајни сопственици од Косово, во наводна шема за фиктивен поврат на ДДВ од државата.

Меѓу објавените фирми се „ММР-Компани“ од Струмица, „Винас Текстил“, „Арена Метал ЛТ“ и „Васил ВК Компани“. Во сите случаи, сопственичките удели се префрлале од лица блиски до Крмзов на косовски државјани преку фирми регистрирани во Скопје. Податоците укажуваат на ненадеен раст на приходите на овие фирми во изминатите години, што алудира на повлекување фиктивен поврат на ДДВ.

Крмзов, кој од почетокот на месецов се наоѓа во притвор во истражниот затвор „Скопје“, е осомничен за тешки финансиски злоупотреби. Кривичниот суд му изрече мерка притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски информираше дека Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција води постапка против 23 физички и 15 правни лица. Обвинителката Верица Бержецка Крстева нагласи дека шемата вклучувала фиктивни договори, манипулации со поврат на ДДВ и продажба на недвижности по нереални цени – сите во сопственост на Крмзов и лоцирани во Струмица.

Осомничени се и сметководители, управители на правни лица, но и инспектори на УЈП. Истрагата, како што најави обвинителството, може да се прошири со нови лица и подолг временски период. Според првичните проценки, државата е оштетена за околу 90 милиони евра.

Извор: Faktor.mk

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран