Летот број 79 на авиокомпанијата Turkish Airlines од Истанбул кон Сан Франциско беше пренасочен на 13 јули поради смрт на патник за време на летот, потврдија претставници на компанијата и аеродромски службеници. Но, по пристигнувањето во Чикаго, телото на починатиот мистериозно исчезнало, а надлежните институции немаат податоци за случајот.
Иако не се откриени детали за идентитетот и националноста на починатиот, познато е дека инцидентот се случил додека авионот летал над Гренланд. Наместо да се врати назад или слета на поблиска локација, екипажот одлучил да продолжи кон САД и да слета во Чикаго, каде што имало услови за итен прием со медицинска поддршка.
По слетувањето, според процедурите, телото требало да биде преземено од Канцеларијата на медицинскиот истражувач на округот Кук. Но, портпаролката Наталија Деревјани изјави дека не добиле никакво известување за смртен случај што одговара на описот и дека не постои евиденција за починат патник од тој лет.
Раководителот на Turkish Airlines во Сан Франциско, Ертогрул Гулсен, ја потврди смртта на патникот и пренасочувањето на летот, но одби да даде дополнителни детали. Патниците биле префрлени на друг лет и безбедно стигнале во Сан Франциско.
Случајот останува неразјаснет, а прашањето каде се наоѓаат посмртните останки на патникот и зошто не се евидентирани од надлежните институции – останува отворено.