
Санкт Петербург утрово бил цел на „напад од големи размери“ со беспилотни летала, соопштија руските власти, додека во исто време од Украина пристигнуваат информации за нови жртви во регионот Херсон.
Гувернерот на Санкт Петербург, Александар Беглов, преку соопштение наведе дека системите за противвоздушна одбрана биле активирани и дека градот се соочил со сериозен напад со дронови. Тој упати апел до граѓаните да останат во своите домови и да избегнуваат излегување, предупредувајќи на можни прекини во интернет и мобилните мрежи.
Во меѓувреме, аеродромот „Пулково“ бил привремено затворен за полетувања и слетувања, додека според руските власти, во поширокиот регион биле соборени десетици беспилотни летала.
Од Ленинградската област е соопштено дека биле уништени 86 дронови, а руското Министерство за одбрана наведува дека вкупно 376 беспилотни летала биле соборени над различни региони, вклучувајќи ги Црното и Азовското Море.
Паралелно, украинските власти информираат за нови руски напади врз јужната област Херсон, во кои загинале пет лица. Според гувернерот Олександaр Прокудин, меѓу жртвите има и три лица постари од 70 години, чии тела биле пронајдени во нивните домови по нападите.















