
Трагичен инцидент се случи во западна Австралија, каде 35-годишен маж го загуби животот по напад од ајкула за која се претпоставува дека била долга околу пет метри.
Според информациите од локалната полиција, несреќата се случила во близина на островот Михаелмас, во регионот Албани, на околу 375 километри југоисточно од Перт. Мажот бил на риболов и нуркање заедно со членовите на своето семејство кога бил нападнат од морскиот предатор.
По пријавата за можен напад од ајкула, на местото веднаш биле испратени служби за итна помош. Повредениот бил пренесен со брод до брегот, каде што медицинските екипи повеќе од два часа се обидувале да му го спасат животот, но без успех.
Властите соопштија дека нападот се случил непосредно пред 11:30 часот по локално време и дека ајкулата била со должина од приближно пет метри.
По трагедијата, надлежните институции ги предупредија граѓаните и посетителите да бидат особено внимателни во областа и да ги почитуваат сите предупредувања и евентуални затворања на плажите.
Министерството задолжено за управување со вакви инциденти соопшти дека во координација со полицијата и локалните власти презема дополнителни мерки за безбедност во регионот.















