
Неверојатна приказна за преживување доаѓа од највисоката планина во светот. Непалскиот планински водич Дава Шерпа, за кого семејството и спасувачките екипи веруваа дека загинал на Монт Еверест, беше пронајден жив по шест дена поминати во екстремни услови.
Шерпа исчезнал за време на спуштањето од планината откако останал без кислород. Додека неговите најблиски во Катманду веќе започнале погребни обреди, тој водел очајна битка за опстанок на надморска височина каде условите се смртоносни.
Во изјава за Би-Би-Си, тој раскажа дека преживеал јадејќи неколку чоколадни плочки кои ги пронашол во џебот и џвакајќи мраз за да ја ублажи жедта.
Спасувачите го пронашле во близина на ледениот водопад Кумбу додека исцрпен се движел кон базниот камп. Потоа бил префрлен со хеликоптер во болница во Катманду, каде што лекарите лекуваат дехидрација, смрзнатини и повеќе скршеници.
Драмата дополнително се усложнила кога паднал во длабока пукнатина во мразот, каде што останал заробен околу два и пол дена. Според неговото сведочење, токму лавина му помогнала да се извлече, бидејќи снегот постепено ја исполнил пукнатината и му овозможил излез.
Откако успеал да се ослободи, пронашол јажиња поставени на патеката и продолжил да се спушта кон базниот камп. На патот преживеал уште една лавина, но не се откажал.
Неговото спасување конечно се случило кога налетал на тим што се искачувал на планината за собирање отпад. Тие веднаш му помогнале и организирале негов транспорт до безбедно место.
Веста дека Дава Шерпа е жив предизвика огромно олеснување кај неговото семејство и колегите. Пемба Шерпа од компанијата 8K Expeditions го нарече неговото преживување „вистинско самоспасување“ и едно од најневеројатните чуда видени на Еверест.
„Кога го видов, не можев да им верувам на своите очи“, изјавила неговата сопруга, која претходно била убедена дека никогаш повеќе нема да го види жив.















