
Премиерот Христијан Мицкоски изрази оптимизам за иднината на евроинтегративниот процес на Македонија, посочувајќи дека неодамнешните средби со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц му дале јасна слика за следните чекори на Европската Унија кон земјата и регионот.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски истакна дека токму преку директните разговори со највисоките европски лидери добил увид во новите иницијативи и механизми што се подготвуваат за Западен Балкан.
„Оптимист сум. Само јас имав средби со Макрон и Шолц и точно знам што следува за Македонија“, порача премиерот.
Тој нагласи дека Владата останува на ставот дека нема да поддржи уставни измени без претходни и јасни гаранции од Европската Унија за заштита на македонскиот идентитет и националните интереси.
Според Мицкоски, Франција и Германија работат на нов пристап кој ќе овозможи поблиска интеграција на земјите од регионот во европските политики и програми, без потреба од измени на постојните договори на Унијата.
„Нивото на односи помеѓу Западен Балкан и Европската Унија е на многу повисоко ниво, ни се отвораат многу повеќе механизми и алатки коишто ќе ги користиме во периодов“, изјави премиерот.
Тој додаде дека во разговорите со европските партнери било констатирано дека Македонија е меѓу најактивните држави во спроведувањето на реформите предвидени со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.















