Македонскиот државјанин Зоран Настески се истакна како вистински херој откако успеа да совлада патник кој предизвика паника на летот на авиокомпанијата easyJet од Лутон до Глазгов.
Настески, кој патувал заедно со други патници, реагирал брзо и решително кога маж во авионот почнал да извикува „Алах Акбар“ и да тврди дека носи бомба. На видеото кое Настески го објави на својот YouTube канал, јасно се гледа моментот на интервенцијата, при што го совладува агресивниот патник и го држи под контрола сè додека не интервенира полицијата.
Инцидентот предизвикал принудно слетување на авионот на аеродромот во Глазгов, каде напаѓачот бил преземен од шест припадници на полицијата. Според сведоштвата на патниците, во кабината владеела голема паника, некои од присутните дури и плачеле, стравувајќи за својот живот.
На видеото се слуша како лицето вели: „Сакав да му испратам порака на Трамп… тој е во Шкотска“, што дополнително ги засилило сомнежите дека станува збор за обид за терористички напад.
Настески, кој беше поздравен со аплауз и благодарност од останатите патници, останува скромен за своето херојство, велејќи дека реагирал инстинктивно за да ги заштити луѓето околу себе.