УТРО.мк

Германија најавува драстични кратења на социјалната држава за да го намали дефицитот и да го финансира вооружувањето

Германија најавува драстични кратења на социјалната држава за да го намали дефицитот и да го финансира вооружувањето
Vero

Германската влада предводена од канцеларот Фридрих Мерц најави сериозен пакет мерки за штедење, со кои се предвидуваат длабоки кратења во социјалниот систем, особено во здравството, со цел намалување на буџетскиот дефицит и обезбедување средства за зголеменото вооружување.

Коалицијата составена од ЦДУ и СПД постигнала договор за намалување на здравствените трошоци за околу 38 милијарди евра до 2030 година. Веќе следната година се очекува заштеда од над 19 милијарди евра, преку намалување на трошоците за лекови, болнички услуги и лекарски прегледи.

Една од најконтроверзните мерки е укинувањето на бесплатната здравствена осигуровка за брачни партнери кои не работат. Наместо тоа, тие ќе треба да плаќаат придонес од најмалку 2,5 проценти од приходите на осигурениот партнер. Истовремено, се зголемуваат партиципациите за лекови и болничко лекување, што дополнително ќе ги оптовари граѓаните.

Покрај здравството, владата планира кратења и во социјалните бенефиции и пензискиот систем. Според најавите, пензиите во иднина ќе претставуваат само основна заштита, без гаранција за одржување на животниот стандард. Дополнително, ќе се намали и поддршката за деца чии родители не плаќаат алиментација, со што илјадници семејства би можеле да останат без финансиска помош.

Овие мерки доаѓаат во време кога Германија се соочува со сериозни демографски предизвици – намален наталитет и стареење на населението – што создава дополнителен притисок врз здравствениот и пензискиот систем.

Паралелно со реформите, владата планира значително зголемување на буџетот за одбрана, кој достигнува околу 100 милијарди евра годишно. Токму оваа комбинација на социјални кратења и воени трошоци предизвикува силни реакции во јавноста и внатре во самите партии.

Популарноста на Мерц, според последните анкети, бележи значителен пад, додека расте поддршката за десничарската Алтернатива за Германија, која води во некои истражувања на јавното мислење. Во меѓувреме, се зголемува и незадоволството кај дел од пратениците во владејачката коалиција, кои најавуваат отпор кон реформите.

Владата, сепак, тврди дека реформите се неопходни за да се спречи колапс на системот и да се обезбеди долгорочна финансиска стабилност на државата.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран