Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Украина и други земји од Европската унија издадоа заедничка изјава со која ја поддржуваат иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за итен прекин на борбите во Украина.
„Силно го поддржуваме ставот на претседателот Трамп дека борбите мора веднаш да престанат и дека сегашната линија на фронтот треба да биде основа за преговори“, се наведува во документот објавен од британската влада.
Во изјавата се нагласува и потребата од зголемен притисок врз руската економија и одбранбената индустрија, како и користење на замрзнатата руска државна имовина за финансиска поддршка на Украина.
Од Москва, заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека е „прерано“ да се зборува за можното одржување на состанок меѓу министрите за надворешни работи на Русија и САД, иако вчера имало „конструктивен телефонски разговор“ меѓу Сергеј Лавров и Марко Рубио.
Американскиот Стејт департмент потврди дека разговорот бил насочен кон постигнување трајно решение за војната во Украина, во согласност со визијата на претседателот Трамп.