Во понеделник навечер во Унгарија избувна пожар и експлозија во рафинеријата за нафта на компанијата МОЛ, лоцирана во Сазаломбата. На терен први пристигнаа внатрешни пожарникари на фабриката, а потоа беа испратени професионални екипи од Будимпешта и околните области. Службата за управување со катастрофи дополнително интервенираше, а според последните информации, повредени лица нема.
Пожарот и експлозијата доаѓаат во момент на зголемено политичко и енергетско триење помеѓу Украина и Унгарија. Во изминатите месеци, Будимпешта често го обвинува Киев дека намерно го попречува снабдувањето со руски гас и нафта, кој официјално е сопственост на Унгарија и се транспортира преку Украина и Србија.
Од Европската унија неодамна беше донесена одлука за забрана на транзит на гас и нафта преку територијата на ЕУ, што дополнително го комплицира снабдувањето за Унгарија и Србија. Со оглед на тоа дека единствениот останат доток е преку Украина и последователната преработка во Унгарија, експлозијата во рафинеријата ја зголемува тензијата и создава потенцијален енергетски вакуум во регионот.
Некои аналитичари и објави на социјалните мрежи веќе го поврзуваат инцидентот со Главната дирекција на украинското Министерство за одбрана (ГУР), спомнувајќи можност за диверзија слична на онаа извршена на гасоводот „Северен тек 2“ во Германија. Сепак, засега нема официјална потврда за вклученост на Украина во експлозијата.
Енергетските експерти предупредуваат дека овој настан може да ја продлабочи веќе сложената ситуација со снабдувањето во Централна Европа и да има далекусежни последици за регионот, особено во пресрет на зимската сезона.