Европските земји во соработка со Украина подготвуваат предлог од 12 точки за прекин на војната, кој би се темелел на задржување на постојните линии на фронтот. Планот го отфрла новиот ултиматум на Владимир Путин до САД, според кој Киев би предал дел од територијата во замена за мир, пренесува Bloomberg.
Спроведувањето на планот би го надгледувал „мировен одбор“ предводен од американскиот претседател Доналд Трамп. По пристанокот на Русија и Украина за прекин на огнот, предвидено е враќање на сите деца депортирани од Украина, размена на затвореници, обезбедување безбедност и финансиска помош за обнова на Украина, како и забрзан пат кон членство во Европската унија.
Санкциите против Москва би се укинувале постепено, додека замрзнатите руски девизни резерви од околу 300 милијарди евра би се враќале дури откако Кремљ ќе се согласи финансиски да учествува во обновата на Украина. Доколку има нов напад, санкциите автоматски би се активирале повторно.
Европските лидери денеска ја изразија поддршката за замрзнување на војната на постојните позиции, со цел да се отвори простор за преговори за мир. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ова е важен чекор кон можниот крај на конфликтот, но потенцира дека Украина не смее да прави дополнителни територијални уступки на Русија.
И покрај тоа што Трамп притискал за брзо прифаќање на договорот, Русија продолжува да инсистира на целосно предавање на регионот Донбас, додека делови од Запорошка и Херсонска област и натаму се под руска контрола, а Крим останува нелегално анектиран од 2014 година.