Европа се подготвува за нова ера на воена индустријализација. Според анализа на Financial Times, користејќи повеќе од илјада снимки од сателитите Sentinel-1 на Европската вселенска агенција, забележани се големи промени на 150 локации на 37 компании што произведуваат оружје.
Податоците покажуваат дека околу една третина од овие локации имаат знаци на проширување или изградба на нови капацитети. Површините за производство се зголемиле од 790.000 квадратни метри во периодот 2020–2021 на дури 2,8 милиони квадратни метри до 2025 година.
Еден од најголемите проекти е заедничката фабрика на германскиот Rheinmetall и унгарската државна компанија N7 Holding во Вaрпалота, каде се произведува муниција за пешадиски борбени возила, а наскоро и артилериски гранати од 155 милиметри и муниција за тенкови „Леопард 2“.
Европската унија преку програмата ASAP издвојува 500 милиони евра за субвенции на производството на муниција и ракети. Според еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус, годишниот капацитет за производство на оружје во Европа од 2022 година до денес се зголемил од 300.000 на речиси два милиона единици.
Иако бројките изгледаат импресивно, експертите предупредуваат дека реалната продукција ќе биде пониска од планираната, а најголем предизвик остануваат далекуметните ракети и способноста за брза мобилизација. „Ако сакаме вистинско одвраќање од Русија, мораме драстично да ја прошириме производството на проектили, противвоздушна одбрана, артилерија и дронови,“ изјави Фабиан Хофман од Универзитетот во Осло.
Европа, според аналитичарите, дефинитивно го напушта мирнодопскиот модел и влегува во нова фаза на масовна воена индустријализација.