Македонија е единствената земја која не е членка на Европската унија, а сепак потпиша Меморандум за соработка за развој на пазарите на капитал заедно со седум земји членки на ЕУ. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во изјава за Дневникот на ТВ Сител.
„Тоа е еден од најзначајните исчекори на Министерството за финансии во последниот период, особено затоа што е насочен кон приватниот сектор“, нагласи министерката.
Меморандумот, според неа, не се однесува само на тргување со акции на берза, туку овозможува и развој на пазар за новоиздадени хартии од вредност, како обврзници и акции. Со тоа македонските компании ќе имаат нова алтернатива за финансирање, надвор од традиционалните банкарски кредити.
„Нашите компании ќе можат да издаваат обврзници или акции, а нивните хартии од вредност ќе бидат достапни и за граѓаните од другите седум земји членки. Во исто време, македонските граѓани ќе можат да инвестираат во компании од тие држави. Така се создава интегриран пазар на капитал – нешто што одамна постои во САД, а во Европа дури сега почнува да се развива“, објасни Димитриеска-Кочоска.
Таа очекува за една до две години првите компании да започнат со издавање хартии од вредност, а инвеститорите – и домашни и странски – да можат активно да учествуваат на заедничкиот пазар.
Меморандумот беше потпишан во Загреб од министрите за финансии и економија на Бугарија, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија, заедно со Македонија.
Димитриеска-Кочоска изрази гордост што Македонија е дел од оваа иницијатива и порача дека таа е клучна за создавање подинамичен пазар на капитал и олеснет пристап на компаниите до финансиски средства.