Рускиот претседател Владимир Путин, кој од март 2023 година е на меѓународна листа на барани лица од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за наводни воени злосторства, пристигнува денеска во Алјаска без ризик да биде уапсен.
МКС го обвинува Путин за незаконска депортација и трансфер на украински деца од окупираните територии во Русија. Според британската влада, повеќе од 19.500 украински деца биле присилно префрлени или депортирани, а околу 6.000 од нив биле сместени во кампови за „превоспитување“, каде што биле изложени на индоктринација со цел бришење на украинскиот идентитет.
Иако сите 123 земји-членки на МКС формално се должни да го уапсат Путин, САД не се потписничка на Римскиот статут и немаат таква обврска. Затоа, за време на неговата посета на американска територија, не постои правен основ за апсење.
Поради потерницата, Путин внимателно ги избира своите дестинации. Тој претходно ја одби поканата за Јужна Африка, но патуваше во Монголија, која се повика на дипломатскиот имунитет на шефови на држави за да го избегне апсењето.
Одлуката за апсење на рускиот лидер би носела сериозни политички и безбедносни ризици, имајќи ја предвид воената моќ на Русија и нејзиниот нуклеарен арсенал, пишува Sky News.