Големиот пожар во атарот на селото Јажинце во Општина Јегуновце е ставен под контрола по брзата акција на сите надлежни служби, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во гаснењето биле вклучени пожарникари од Тетово, специјални екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, како и воздушна поддршка со „Ертрактор“ и хеликоптер на МВР.
ЦУК нагласува дека навремената координација спречила поголема штета на инфраструктурата и имотот на граѓаните. Поради пожарот привремено беше затворен граничниот премин „Јажинце“, но патот наскоро повторно беше отворен.
До 18 часот, според ЦУК, се активни три пожари на отворен простор – покрај Јажинце, гори и во подрачјето „Јасен“ во Општина Македонски Брод и кај селото Радово во Општина Босилово. Досега се изгаснати седум пожари. Граѓаните се повикуваат да ја избегнуваат областа и да ги ослободат патиштата за непречено движење на службите за итни интервенции.