Прометот во индустријата на домашниот пазар во јуни 2025 година забележа раст од 0,7 отсто споредено со истиот месец лани, додека во првите шест месеци од годинава има пад од 2,2 отсто во споредба со истиот период од 2024 година.
За разлика од домашниот пазар, прометот на странските пазари бележи значителен пораст од 16,4 отсто во јуни, а во периодот јануари – јуни 2025 година растот изнесува 9,1 отсто во однос на првата половина од минатата година.
Вкупниот промет во индустријата во јуни бележи раст од 1,4 отсто во однос на мај, а во првите шест месеци од 2025 година е поголем за 7,2 отсто во споредба со истиот период од 2024 година.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во јуни годинава најголем пораст се забележува кај капиталните производи (+25,4%), нетрајните производи за широка потрошувачка (+5,7%) и интермедијарните производи (освен енергија) со раст од 3,8%, додека трајните производи за широка потрошувачка бележат благо опаѓање од 1,1%.
Најголемо влијание на вкупниот раст го имаат секторите: производство на прехранбени производи (+4,9%), производство на електрична опрема (+4,9%) и производство на моторни возила, приколки и полуприколки, кој забележа драстичен раст од 94,9%.