Во трката за развој на вештачката интелигенција, компаниите од Силициумската долина нудат годишни плати од десетици, па дури и стотици милиони долари за врвните експерти. Според „Њујорк тајмс“, ваквите понуди го надминуваат дури и најплатените спортски ѕвезди и историски врвни научници.
Експертот Мет Дајтке неодамна добил понуда од „Мета“ од 250 милиони долари за четири години, со потенцијални дополнителни 100 милиони долари само во првата година. Дајтке е коосновач на „Версепт“ и претходно работел на мултимодален систем за вештачка интелигенција во Институтот „Ален“.
Овие огромни исплати се последица на трката за создавање вештачка општа интелигенција (АГИ), машини способни да извршуваат интелектуални задачи на или над човечкото ниво. Компании како „Мета“, „Гугл“ и „Опен АИ“ вложуваат милијарди за да ја освојат предноста во оваа област, со цел да создадат технологија што може радикално да ја трансформира глобалната економија.
Истражувачите за вештачка интелигенција денес заработуваат повеќе за неколку дена отколку што првите астронаути на НАСА заработуваа за цела година. На пример, Мет Дајтке ќе заработува приближно 327 пати повеќе од тоа што научникот Опенхајмер го добивал за време на Проектот Менхетен.
Пазарот на таленти во АИ го прави оваа професија една од најплатените во историјата, а трката за суперинтелигенција нема јасна граница, со потенцијал да создаде „експлозија на интелигенција“ што би можела да ја промени цивилизацијата.