Според извештај на Би-Би-Си, американските и израелските воздушни напади врз Иран би можеле да предизвикаат сосема спротивен ефект од посакуваниот – наместо да го успорат, да го забрзаат иранскиот нуклеарен програм. Ова го наведува дописникот на Би-Би-Си, Хуго Бачега, повикувајќи се на делови од американски разузнавачки проценки кои протекоа во медиумите.
И покрај штетата предизвикана со нападите и убиството на неколкумина ирански научници, иранските власти веќе најавија дека ќе продолжат со програмата. Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно изјави дека Иран „никогаш повеќе нема да има нуклеарен програм“, но според Бачега, во Техеран владее уверување дека единствена гаранција за безбедност е токму поседувањето нуклеарно оружје.
„Границата е премината“, вели Бачега, додавајќи дека иранското раководство сè повеќе гледа кон примерот на Северна Кореја – земја што поседува нуклеарно оружје и која досега никој не се осмелил да ја нападне.
Иранскиот парламент денес гласаше за суспендирање на соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), праќајќи јасна порака дека Иран нема намера да се откаже од развојот на нуклеарната програма. Некои функционери дури најавија можност за повлекување на Иран од Договорот за неширење на нуклеарното оружје (NPT).
Прашањето што останува отворено, според Би-Би-Си, е судбината на приближно 400 килограми ураниум обогатен до 60 проценти – што е чекор до ниво потребно за производство на нуклеарно оружје.
Иако примирјето меѓу Иран и Израел засега се почитува, обновувањето на меѓународните преговори за нов нуклеарен договор останува под знак прашалник. Еден од клучните американски услови – Иран воопшто да не обогаќува ураниум на своја територија – досега секогаш бил одбиен од Техеран.
Иако специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, изјави дека „време е за сеопфатен мировен договор со Иран“, Би-Би-Си оценува дека реалниот простор за компромис останува многу тесен. Иранската позиција, барем за сега, е јасна – нема откажување.