
Македонскиот фудбалер Георг Стојановски беше херој на Спартак Варна во клучниот натпревар за опстанок во бугарското првенство, постигнувајќи хет-трик во победата со која клубот обезбеди место во елитата и следната сезона.
22-годишниот напаѓач уште на 15-годишна возраст го привлече вниманието на македонската спортска јавност, кога тогашниот тренер на Вардар, Александар Васоски, му даде шанса да дебитира за првиот тим.
По неколку години во потрага по вистинската форма и континуитет, Стојановски сезонава конечно блесна во Бугарија. На 25 натпревари постигна осум голови и запиша три асистенции.
Приказната добива уште поемотивна димензија ако се знае дека тренер на Спартак Варна е легендарниот македонски стратег Ѓоко Хаџиевски, дедо на Георг.
Токму со головите на својот внук, Хаџиевски успеа да го спаси тимот од испаѓање, сценарио кое тешко дека можел подобро да го замисли.
Искусниот тренер ужива голема почит и кај навивачите на Спартак Варна, што се потврди и за време на прославата по натпреварот. Еден од навивачите донесе транспарент со ликот на Хаџиевски, заедно со бугарско и македонско знаме и порака:
„Нема да ви го бараме идентитетот, но Ѓоко е еден од нас“.















