
ЕСМ Молика ДООЕЛ Битола најавува реализација на нови инвестициски и развојни проекти насочени кон унапредување на туристичката понуда и модернизација на инфраструктурата во Националниот парк Пелистер.
Во рамки на развојот на Ски центарот „Копанки“ е планирана изработка на физибилити студија и проект за изградба на мини акумулација, како и систем за водоснабдување и техничко оснежување на дел од скијачките патеки.
Со овој проект се очекува да се обезбедат стабилни количини на вода за вештачко оснежување, подолга и посигурна зимска сезона, подобри услови за рекреативци и спортисти, како и зголемување на атрактивноста на центарот.
Паралелно, во тек е подготовка на проект за изградба на современ СПА и велнес центар во Хотел „Молика“, со цел подобрување на квалитетот на услугите и зголемување на удобноста на гостите.
За тековната година е предвидено и сеопфатно реновирање на хотелот, кое опфаќа реконструкција на задниот дел од објектот, обнова на фасадата и замена на надворешната дограма, реконструкција на водоводната и канализационата мрежа, модернизација на собите и уредување на летната тераса на ресторанот.
Од претпријатието потсетуваат дека во изминатиот период веќе се реализирани одредени инвестиции, меѓу кои поставување нов поден тепих на сите катови и воведување современ автоматизиран систем за дезинфекција на водата.
Со овие активности, Хотел „Молика“ и Ски центарот „Копанки“ продолжуваат да се развиваат како модерна туристичка дестинација во срцето на Пелистер.















