УТРО.мк

Собранието усвои закон – 3000 денари за поддршка на младите

Собранието усвои закон  – 3000 денари за поддршка на младите
Vero

Собранието го усвои новиот Закон за додатоци за млади, со кој се воведува мерка за финансиска поддршка на младите вработени, со цел поттикнување на нивното вработување и задржување на домашниот пазар на труд.

Според информациите од Министерството за економија и труд, мерката предвидува месечен паричен додаток за одредена група млади лица кои се вработени во производствени дејности.

Со законското решение, дел од младите граѓани ќе имаат право на по 3.000 денари месечно, кои ќе им се исплаќаат директно на трансакциска сметка. Властите очекуваат дека оваа поддршка ќе придонесе за зголемување на интересот кај младите за работа во индустрискиот сектор, кој со години се соочува со недостиг на работна сила.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши појасни дека законот јасно ги дефинира критериумите и начинот на користење на правото. Тој истакна дека мерката е насочена кон подобрување на економската сигурност на младите и стабилизирање на пазарот на труд.

Право на додаток ќе имаат младите до 23-годишна возраст кои се вработени во производствени дејности. Исплатата ќе се врши преку Агенцијата за вработување, а средствата се обезбедени од државниот буџет, со што процесот ќе биде автоматизиран и без дополнителни административни оптоварувања за корисниците.

Од Министерството нагласуваат дека целта на мерката не е само краткорочна финансиска помош, туку и поттик за младите да останат активни на домашниот пазар на труд и да се намали нивната емиграција.

Дурмиши додаде дека мерката треба да придонесе за поголем интерес за професионален развој во индустрискиот сектор, каде што недостигот од кадар е најизразен, како и за подобрување на животниот стандард на младите работници.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран