
ФИФА ја заокружи листата на тренинг-бази за Светското првенство во 2026 година, на кое за првпат ќе настапат 48 репрезентации, распоредени низ САД, Канада и Мексико. Со тоа практично е финализирана една од клучните логистички фази во организацијата на најголемиот Мундијал досега.
Вкупно 48 тренинг-локации се распоредени низ трите земји-домаќини и ќе служат како привремени „домови“ за националните тимови во периодот на подготовките. ФИФА нагласува дека овие центри нема да бидат само спортска инфраструктура, туку и важни точки на поврзување со локалните заедници, каде што присуството на репрезентации, стручни штабови, медиуми и навивачи ќе создаде значителен економски и општествен ефект.
Процесот на избор на базите траел повеќе години. Уште во 2024 година на потенцијалните учесници им биле понудени првични елитни опции, кои потоа биле проширувани и доработувани во текот на 2025 година. По ждрепката во декември, веќе квалификуваните селекции започнале со конкретен избор, земајќи ја предвид и географската распределба на нивните групни натпревари.
Според објавените информации, седум репрезентации ќе бидат сместени во Мексико: Колумбија, Иран, Јужна Кореја, домаќинот Мексико, Јужна Африка, Тунис и Уругвај. Во Канада ќе тренираат Канада и Панама, додека најголемиот дел од останатите селекции, вкупно 39, ќе ги користат базите во САД.
Покрај 16-те официјални градови-домаќини, уште 25 градови низ Северна Америка ќе добијат улога во организацијата преку тренинг-камповите. Меѓу нив се Њу Текумсет во Канада; Канкун, Пачука и Тихуана во Мексико; како и бројни американски градови како Остин, Шарлот, Колумбус, Нешвил, Сан Диего, Тампа, Портланд и многу други.















