Фудбалерите на Шкендија направија историски подвиг во квалификациите за Лигата на шампионите, елиминирајќи го романскиот великан ФЧСБ (поранешна Стеауа Букурешт) со вкупен резултат 3:1. Со тоа, тетовскиот клуб не само што го фати вниманието на европската јавност, туку си обезбеди и сериозна финансиска добивка.
Пласманот во третото квалификациско коло веќе ѝ гарантира на Шкендија најмалку лигашка фаза во Конференциската лига, што значи дека тетовци сигурно ќе играат европски натпревари до декември. Иако точната заработка ќе зависи од понатамошните резултати, дури и со сите порази, клубот ќе инкасира најмалку околу 5 милиони евра.
Во третото коло Шкендија ќе игра против Карабаг од Азербејџан. Доколку го елиминира, ќе оди во плеј-оф за Лигата на шампионите, а и во случај на елиминација од Карабаг, ќе добие нова шанса за влез во Лига Европа. Ако и таму не успее, тогаш ја очекува сигурна лигашка фаза во Конференциската лига.
Тоа значи дека Шкендија ќе одигра најмалку 10 европски натпревари до крајот на 2025 година – четири квалификациски и шест во групна фаза. Доколку стигне до групна фаза на Лигата на шампионите или Лига Европа, бројот на натпревари се зголемува на осум.
Покрај финансиската добивка, Шкендија стана и вториот македонски клуб со пласман во лигашка фаза од европско натпреварување, по Вардар во сезоната 2017/2018. За клубот од Тетово ова е голем спортски, но и економски чекор напред.