
Фудбалската репрезентација на Иран ги доби потребните визи за настап на Светското првенство во Соединетите Американски Држави, но дел од административниот персонал сè уште чека одобрение за влез во земјата.
Американски претставник за Ројтерс потврдил дека играчите ги добиле визите десет дена пред првиот натпревар на Иран во Лос Анџелес. Сепак, иранските медиуми објавија дека неколку високи функционери на националната федерација останале без визи.
Според агенцијата „Тасним“, меѓу нив се извршниот директор Мехди Харати, генералниот секретар Хедајат Момбини и директорот за медиуми Мохсен Мотамедкија.
Иако немаат визи, тие ќе отпатуваат со репрезентацијата во Мексико додека продолжуваат процедурите за добивање дозвола за влез во САД.
Иранската фудбалска федерација реагираше остро, оценувајќи дека постапката на САД е спротивна на меѓународните спортски правила. Од федерацијата најавија дека случајот ќе го покренат пред ФИФА, обвинувајќи ја американската администрација за политички мотивирана одлука насочена против иранскиот национален тим.















