Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, денеска присуствуваше на свеченото отворање на новиот фудбалски терен со вештачка трева во општина Илинден. Овој проект претставува уште еден чекор во континуираните напори на ФФМ за подобрување на спортската инфраструктура и создавање услови за развој на младите таленти.

„Верувам дека ваквите проекти создаваат можности за младите и за сите кои го сакаат фудбалот. Продолжуваме со вложувања за фудбалот и заедницата. Вложувања за иднината!“, изјави Омерагиќ по отворањето.

Новото спортско игралиште е дел од поширока програма за модернизација на локалната фудбалска инфраструктура, која се реализира во соработка со општините и поддршка од домашни и меѓународни партнери. Целта е преку подобри услови да се поттикне масовноста во спортот и да се изградат здрави навики кај младите генерации.

Локалните власти изразија благодарност за поддршката од ФФМ и најавија нови заеднички проекти во иднина.