Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска официјално го започна процесот на измена на Статутот, во координација и тесна соработка со меѓународните фудбалски тела – ФИФА и УЕФА.
Работни групи составени од домашни и странски експерти веќе работат на првичната драфт верзија на новиот Статут, кој треба да донесе модерна, функционална и транспарентна организациска структура. Процесот се одвива согласно македонското законодавство и регулативите на ФИФА и УЕФА.
Од страна на УЕФА во процесот се вклучени Мариана Трандафир, Енио Боволента и Денис Бастари, додека ФИФА ја претставува Емили Дом.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, изјави дека ова е еден од најважните чекори за реформите што Федерацијата ги најави:
„По повеќе од 15 години, ќе добиеме нов статут, усогласен со современите стандарди и потреби. Нашата цел е да изградиме функционална и отчетна фудбалска организација на сите нивоа.“
Новиот статут се очекува да биде усвоен на почетокот на 2026 година и да го отвори патот за поголема вклученост на фудбалската заедница, транспарентност во управувањето и долгорочен развој на македонскиот фудбал.