Македонскиот прволигаш Шкупи повторно се најде во центарот на вниманието – не поради спортски успеси, туку поради сериозни сомнежи за местење натпревари и врски со нелегално обложување. Контролниот натпревар одигран вчера против турскиот прволигаш Анталијаспор, кој заврши со убедлив пораз од 6-1, ја разгори јавноста со нови прашања за кредибилитетот и интегритетот на клубот од Чаир.
Резултатот сам по себе е алармантен, но сомнежите добија на тежина по информациите дека на записникот за натпреварот биле пријавени само 14 фудбалери, а екипата патувала од Скопје во три одделни групи. Сето тоа наводно било проследено со масовни уплати на обложувалници во Блискиот Исток, модел кој, според познавачите на состојбите, станува препознатлив за клубот.

Неколку дена пред натпреварот, клубот Аресими одби да одигра пријателска средба со Шкупи, откако добиле информации за можен наместен резултат со повеќе од пет голови. Тој потег тогаш помина речиси незабележано, но последните случувања ги отворија повторно сомнежите – и прашањето: кој ќе ја преземе одговорноста?
Според информации од фудбалски извори, Фудбалската федерација на Македонија веќе започнала постапки против клубот. Сепак, јавноста бара поактивна улога и од државните институции – Обвинителството, МВР, Финансиската полиција – за да се испрати јасна порака дека македонскиот спорт не е поле за криминал и манипулации.
Дополнителна сенка врз случајот фрла и блискоста на актуелниот спортски директор на Шкупи, Флорим Муча, со поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, што отвора прашања за евентуални релации и влијанија во позадина.
Ако се потврдат обвинувањата, тоа би значело не само крај на спортскиот кредибилитет на Шкупи, туку и сериозно нарушување на довербата во целокупниот фудбалски систем. Потребна е итна и бескомпромисна реакција од сите надлежни институции – молкот повеќе не е опција.