Зоолошка градина Скопје ја информира јавноста дека нема простор за паника во врска со неодамнешните информации за појава на животинска туберкулоза кај поединечни животни. Безбедноста на посетителите и грижата за животните остануваат врвен приоритет на градината.
Според надлежните, туберкулозата кај животните не е нова појава и е позната со децении. Може да се јави во зоолошки градини, во природата, па дури и во почва, паркови и игралишта во околината. Ризикот за посетителите е многу низок, а преносот на болеста од животни на луѓе е исклучително редок и бара долг и директен контакт, што е невозможно за обичните посетители.
Вработените кои се во директен контакт со животните редовно се тестирани, а сите досегашни резултати се негативни. Во живеалиштата се спроведуваат строги ветеринарни и санитарни мерки, со редовна дезинфекција, надзор, тестирање и соодветен третман на болните животни. Поставени се и дез бариери за дополнителна заштита.
Превентивно, Бејби ЗОО, катче наменето за најмладите посетители, ќе биде привремено изолирано, а поради ниските температури и затворено за јавност. Посетителите се движат по безбедни патеки и немаат директен контакт со животните.
Зоолошка градина Скопје нагласува дека случаи на животинска туберкулоза се регистрирани и во други зоолошки градини низ светот, но тоа никогаш не претставувало ризик за јавноста.
„ЗОО Скопје останува целосно посветена на заштита на здравјето на посетителите, добросостојбата на животните и транспарентност во информирањето. Ќе продолжиме редовно да ја известуваме јавноста и да соработуваме со надлежните институции за навремена превенција и контрола“, стои во соопштението.
Зоолошката градина ќе продолжи да обезбедува позитивно и сигурно искуство за сите посетители, со највисок степен на грижа за животните.