Скопје, 23 јули – Двајца скопјани се приведени вчера попладне по инцидент во Градската општа болница „8 Септември“, каде што агресивно го нарушиле јавниот ред и мир и физички нападнале вработен.
Како што информира МВР, инцидентот се случил околу 14:10 часот, кога полициски службеници ги привеле У.П. (44) и А.Б. (50), двајцата од Скопје, по добиена пријава за агресивно однесување во болницата.
Според пријавата, А.Б. физички го нападнал И.И. (33) од село Грчец, скопско, кој работи како обезбедување во здравствената установа.
Полицијата информира дека по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави против сторителите.