Со симболична, но суштински значајна акција, денес започна уредувањето и чистењето на Скопското Кале – едно од најпрепознатливите културно-историски обележја на главниот град.

Акцијата ја предводеше Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, кој заедно со министерот за култура и неколку скопски градоначалници изрази почит кон историското значење на Калето, особено во пресрет на годишнината од катастрофалниот земјотрес од 1963 година.

„Калето е срцето на градот, сведок на вековите и на нашата упорност. Негрижата мора да престане. Историјата мора да се чува“, порача Ѓорѓиевски, најавувајќи засилена соработка со културните институции за негово редовно одржување.

Скопското Кале, кое го бележи животот во Скопје од неолитот до денес, ќе добие зголемено внимание од локалните и државните власти со цел да се зачува неговото достоинство и автентичност.

„Скопје заслужува да блесне со сета своја убавина, достоинство и гордост“, истакна Ѓорѓиевски, повикувајќи на заедничка грижа за културното наследство.