
Во Скопје утре, вторник (8 септември), ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради големиот музички настан на Националната арена „Тодор Проески“, организиран по повод Денот на независноста.
Според информациите од СВР Скопје, концертот ќе започне во 19:00 часот, поради што ќе бидат преземени посебни мерки за регулирање на сообраќајот во околината на арената.
Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе воспостави посебен режим на приодите кон Националната арена, како и на булеварот „Илинден“.
Од полицијата апелираат до граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила, како и наредбите и упатствата што ќе ги даваат полициските службеници на терен.
Се очекува зголемена фреквенција на возила и пешаци во пошироката околина на арената, па од СВР Скопје ги повикуваат граѓаните на трпение и внимателно движење.

















