Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, денеска преку социјалните мрежи најави три големи инфраструктурни проекти за Скопје – градски воз, трамвај и електрични еколошки автобуси. Овие проекти, како што истакна, ќе се реализираат во координација со премиерот Христијан Мицкоски и со, како што го нарече, новиот градоначалник на Скопје – Орце Ѓорѓиевски.
„Градски воз, трамвај и електрични еколошки автобуси – за решавање на сообраќајниот хаос и намалување на загадувањето! Ова се три крупни, историски проекти кои ќе ги реализираме со Орце Ѓорѓиевски. Со Орце се знаеме со децении. Тој е човек со цврст карактер и голем борец. Ќе победи и ќе биде одличен градоначалник,“ напиша Николоски.
Денеска и официјално, Орце Ѓорѓиевски беше промовиран како кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ. Тој доби поддршка од партискиот врв, вклучително и од претседателот Христијан Мицкоски.
Најавените проекти се дел од новата визија за модерен и еколошки транспорт во главниот град, а според Николоски, тие ќе донесат конкретни и долгорочни решенија за горливите проблеми со урбаниот сообраќај и аерозагадувањето во Скопје.