Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изјави дека е подготвен целосно да му се посвети на главниот град и да ја врати надежта кај скопјани. Тој се заблагодари на партијата за укажаната доверба и порача дека ќе води теренска, а не салонска политика.
„Благодарен сум на мојата партија која ми ја укажа довербата да бидам кандидат за градоначалник на Град Скопје. Подготвен сум да го воскреснам Скопје, ќе останам близок со народот, а од мене не очекувајте да бидам салонски политичар. Ќе ме гледате на терен, ќе работам максимално посветено,“ истакна Ѓорѓиевски.
Тој потенцираше дека Скопје се соочува со сериозни проблеми, особено во делот на хигиената, сообраќајот и урбаното уредување, и дека тоа мора итно да се промени.
„Градот е прљав, има хаос со диви депонии, нема улица или маало без проблем со хигиената. Тоа ги мачи скопјани веќе неколку години. Нема голема разлика меѓу владеењето на Петре Шилегов и Данела Арсовска. Граѓаните очекуваат нова енергија и вистинска промена,“ рече Ѓорѓиевски.
Тој најави дека од утре почнува интензивна работа на кампањата, со јасни приоритети и фокус на решавање на горливите проблеми во градот.