Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител Телевизија истакна дека нема да има данок за неженети и немажени, туку целта е да има дебата, да се крене свесноста и додаде дека Владата ќе има мотивирачки мерки и субвенции, мора да се работи за наталитетот, затоа што Македонија тивко умира.
– Желбата беше да се крене свесноста за овој проблем кој е сериозен и се стреми да стане катаклизмичен за иднината на државата и нацијата. Има голема дебата насекаде во светот за демографијата и не би можел да се сложам дека даночни олеснувања се решение, напротив, има случаи кои во суштина се такви кои и покрај големи фискални олеснувања не вродиле со плод. Споменав еден пример тоа е Јужна Кореја, тие за околу 15 години според различни извори имаат потрошено помеѓу 200 и 270 милијарди долари, за да стимулираат фертилитет и наталитет, но денес имаат најнизок и тоа е 0,75 по мајка или во главниот град Сеул тоа е 0,5, посочи премиерот Мицкоски.
Во таа насока, премиерот Мицкоски ги спомена и Полска, Грција, Албанија, Косово, но и Македонија каде 2016 година околу 23.000 родени бебиња, а 2024 година 16.000 бебиња или 30%, најавувајќи дека ќе има сет на мерки затоа што треба да бидеме свесни дека изумираме тивко, но полека.
– Тоа ќе биде комбиниран сет на мерки и тоа е едниот дел на решавање на проблемот, како шест ин витро процедури бесплатни наместо досегашните три, стимулација за прво, второ родено дете, ослободување на мајката од персонален доход на данок една година за првородено дете, две години за второ родено дете, за трето повеќе, секоја година ослободување додека највозрасното дете не стане полнолетно и така натаму. Мора да работиме уште во најрана возраст, да се сфати дека семејството е јас, мама, тато, бато и дада, а не јас мама и тато. Умот и срцето, се најважни, стимулансите ќе ги дадеме, се кренаа и реакции, поентата е да има јавна дебата и се случува, изјави премиерот Мицкоски.