Според последниот биланс на Центарот за управување со кризи (ЦУК), заклучно со 21:00 часот на 6 јули 2025 година, на територијата на државата се евидентирани вкупно 22 пожари на отворен простор.
Од нив, пет се сѐ уште активни – во Прилеп (с. Бешиште), Македонски Брод (с. Црешнево), Чашка (под Солунска Глава), Чучер Сандево (помеѓу с. Блаце и с. Чучер) и Сарај (с. Љубин). Еден пожар во општините Ѓорче Петров и Карпош, во близина на населбата Геге и болницата во Бардовци, е ставен под контрола. Локализиран е пожарот на градската депонија во Делчево.
Во текот на денот изгаснати се 15 пожари низ повеќе општини, меѓу кои Прилеп, Велес, Куманово, Тетово, Гостивар и Скопје. Пожарите зафатија различни површини – од депонии и ниска вегетација, до деградирани шуми и земјоделски површини.
Надлежните служби остануваат на терен со цел навремена интервенција и спречување на натамошно ширење на огнените линии.