Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, преку силна и емотивна порака до граѓаните најави дека со целосна посветеност и работа на терен ќе се бори за ново лице на главниот град. Тој вети дека ќе остане ист човек – близок до народот, достапен и секогаш присутен таму каде што се чувствува вистинскиот живот.
„Со срце полно благодарност и со огромно чувство на одговорност, го прифаќам предизвикот да бидам кандидат за градоначалник на Скопје. Ќе бидам градоначалник кој работи повеќе од што зборува, кој слуша повеќе од што ветува, и кој е секогаш на терен, со народот,“ порача Ѓорѓиевски.
Тој вели дека не верува во политичка дистанца од луѓето и дека нема да биде класичен салонски политичар. „Јас сум воркохолик, и таков ќе останам – посветен, достапен и секогаш во движење,“ рече тој, додавајќи дека Скопје ќе го извлече од сивилото и занемареноста во кои се наоѓа.
Ѓорѓиевски се заблагодари за поддршката од граѓаните, од неговиот тим и од ВМРО-ДПМНЕ, посебно истакнувајќи ја довербата што му ја укажале претседателот Христијан Мицкоски и Извршниот комитет на партијата.
„Скопје повторно ќе заживее. Ќе го направиме град на културата, иднината, безбедноста и достоинството. Ќе биде град на инспирација, не на разочарување. Ќе го направиме европска метропола – рамо до рамо со најдобрите,“ вети Ѓорѓиевски.
На крајот, тој упати отворен повик за поддршка до сите граѓани, без разлика на нивните политички убедувања:
„Кај мене нема поделби – постојат само луѓе кои го сакаат Скопје. А јас го давам мојот збор: ќе го вратиме сјајот на нашиот град.“