Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави голема акција за чистење на главниот град веднаш по преземањето на функцијата. Во гостување во емисијата „Трилинг“ на телевизија 24, тој изјави дека со добра организација и вклучување на сите општини, јавни претпријатија и компании, за само 72 часа Скопје ќе биде исчистен.
„Треба само добра организација. Немало досега ваква лоша состојба како што имаме денес, тоа е фактичка состојба. Но, јас сум уверен дека добро знам да ги организирам состојбите и да ги решам проблемите. Во првите 72 часа градот ќе биде исчистен, ќе се направи голема генералка во која нема да учествува само градот, туку ќе помогнат сите општини“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во изминатите четири години немало ниту еден координативен состанок со Градот Скопје, што го оцени како недозволиво. „Без разлика која политичка партија е на власт, мора да има соработка. Како претседател на ЗЕЛС покажав како треба да функционираме сите заедно кога станува збор за интересот на граѓаните“, рече Ѓорѓиевски.
Во рамки на најавената акција, тој планира целосно да ја стави на располагање механизацијата на Град Скопје и јавните претпријатија, како и да ги повика општествено одговорните компании да се приклучат во чистењето. „Сите ќе излеземе. Скопје мора повторно да биде чист, уреден и достоинствен град“, порача Ѓорѓиевски.































