Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, по одржаниот состанок на Кризниот штаб предводен од премиерот Христијан Мицкоски, упати јасен апел до сите градоначалници во земјата итно да ги активираат локалните кризни штабови за справување со пожарите кои го зафатија Скопје и повеќе делови од Македонија.

„Потребна е итна мобилизација на сите човечки ресурси, механизација и логистичка поддршка, а очекуваме и општествено одговорните компании да се вклучат со својата механизација на терен“, изјави Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека ситуацијата бара брза и ефикасна реакција на сите засегнати локации.

Според него, постојат сериозни индиции дека дел од пожарите се намерно подметнати. „Очекуваме наскоро да излеземе со конкретни информации за овие случаи, а неопходно е да се организираат дежурни тимови кои ќе патролираат и во текот на ноќта, за да се спречат нови подметнувања,“ додаде Ѓорѓиевски.
Тој упати благодарност до сите служби и поединци кои се ангажирани на терен: „Огромна благодарност до храбрите противпожарни единици, МВР, Армијата на Македонија и сите волонтери. Вашата пожртвуваност заслужува длабока почит и благодарност од сите нас.“